Рецензии / Orphaned Land - Mabool

9

Големата Звучна Поплава

од Игор Жо (40 Рецензии)
Sun Jun 29 18:21:19 UTC 2008 | 329 прегледи

Што се однесува до фактите, Мabool (2004) е третиот студиски албум на Израелскиот бенд Orphaned Land компониран и изведен од Kobi Farhi (вокал), Yossi Sasi (гитара и народни инструменти), Matti Svatitzki (гитата), Uri Zelcha (бас гитара), Eden Rabin (клавијатури) и Avi Diamand (тапани), последниот е еден од многуте студиски музичари на овој албум покрај женските вокалистки, перкусионистите итн. Уште еден факт е дека Mabool е пример како кој ретко се добива во последно време. Пример за како треба да звучи, како и кога треба да е направен и завршен еден албум. Снимачкиот процес на Mabool траел околу 7 години, и звучи баш така; звучи како бендот во него да ги вложил сите свои квалитети и моќи, сета своја убавина и знаење, сите свои инспирации и можности.

Целиот наслов на овој албум е Mabool: The Story of the Three Sons of Seven и има доста јасен концепт инспириран од големата поплава, притоа анализирајќи ја и модерно раскажувајќи ја истата правејќи паралела меѓу Христијанството, Јудаизмот и Исламот, но истовремено пронаоѓајќи сличности меѓу трите религии бендот се стреми да ги избрише и сите жанровски граници и непишани забрани, обединувајќи повеќе навидум сосема различни музички стилови и говорејќи на единствениот светски јазик. Музиката. Токму така, Orphaned Land се пред се уметници - искрени, креативни и луѓе кои не се срамат од искажување на чувствата и не се користат со нивно криење зад омразата или пак зад некое роботско техничко совршенство, туку напротив ги слават истите без да се плашат од исходот. А исходот е бенд кој не смее да се нарече метал, ниту пак фолк, ниту било што. Ако веќе човек се реши жанровски да го определи бендот притоа добиениот епитет би бил доста смешен и би се состоел од неколку навидум контрадикторни зборови/стилови. Orphaned Land е бенд кој отскокнува на сите креативни даски со чија помош ги прескокнува сите препреки и предрасуди, за да слета во срцето на верниот и добар слушател чии гледишта доколку ја слуша музиката на бендот со пристојноста и сериозноста која истата ја заслужува никогаш не се истите. После албумите Sahara (1994) и El Norra Alila (1996) и акустичното EP The Calm Before The Flood (2004) кое, како што впрочем сугерира и неговиот наслов е најава за следниот голем диск кој ќе ги измени нивните кариери засекогаш, во 2004 излегува Mabool, нивниот најсодржаен и најпрогресивен албум дотогаш со кој бендот изменува многу работи во својата музика не заборавајќи ја дотогашната доминација на дум и дет металот но многу повеќе осврнувајќи се на некои познати прог правила прекрасно зачинети со бесмртниот фолклор и сета негова мистичност и меланхолија. Тоа што ми се допаѓа кај овој албум е неговата невидена амбиција и неговата увереност во себе дека е голем и важен албум, така да се што нас ни останува е понизно да ги послушаме неговите богатства и сталожено да го согледаме и признаеме тоа. Од оваа монструозна наметнувачка големина на Mabool произлегува и еден екстрем; или албумот да го прогласите за претенциозност и да го презирате, или да ви стане еден од најомилените албуми кој никогаш нема да ви здодее и кој ќе го споредувате со албумите кои од корен ја изменаа рок историјата. Средината не може да се рече дека ја нема, но сепак и тие кои се наоѓаат во тој стадиум секако дека го почитуваат и внимателно го слушаат албумот и со тоа повеќе се наклонети кон обожавањето отколку кон презирот на Mabool.

Поплавата од емоции и звуци трае 68 минути и содржи 12 песни, преку кои ќе слушнете една интересна лепеза на многу инструменти и различни вокали (од агресивен граул до нежни женски хорови), како и дијаметрално различни музички изрази, и се тоа толку добро спакувано, аранжирано и професионално направено што во ниеден момент нема да се запрашате како е можно после тврд гитарски риф да следува соло на бузуки, или после фолк пеење да следува типичен метал ритам, или после извадоци од библијата да следува граул. Се тоа изгледа совршено природно и максимално правилно, како конечниот звук на еден музички албум. Mabool нема свои падови и е константа одлична атмосфера и растечка возбуда, но сигурно е дека има свои “хајлајт” делови. Како и повеќето големи албуми, првата песна (во случајов Birth Of The Three (The Unification)) е супериорна и одличен вовед во натамошниот тек на албумот, емотивните прогресив мелодии и ориенталното пеење и тоа како на слушателот му даваат кураж и поттик да слуша се повнимателно бидејќи следува нешто големо, бидејќи следува звучна поплава. Ocean Land (The Revelation) е еквивалентно прекрасна и содржи како што јас милувам да ги нарекувам по-евровизиски мелодии, додека The Kiss Of Babylon (The Sins) и Halo Dies (The Wrath Of God) се најдолгите песни од првата половина на албумот исполнети со многу делови и одлична структура, а меѓу нив е ексцентричната A'salk. A Call To Awake (The Quest) со Queensryche почетокот и Dream Theater крајот (соло егзибициите звучат како случајно да се нашле тука место на The Dance Of Eternity) е траката на која просечниот прог фан сигурно би уживал, максимално квалитетна композиција која одлично и фуриозно ја затвора првата половина на албумот. Втората половина на албумот пак започнува сосема спротивно – нежно, епски и мистериозно. Building The Ark е песната поради чии карактеристики Orphaned Land се разликува од било кој бенд на планетата и се става себеси на едно друго рамниште. Навистина прекрасна песна, како и следната - Norra El Norra (Entering The Ark), преработка на народна песна со неверојатно интересни вокали и хармонии и одлично пијано соло на крај. После неа, албумот го доживува својот врв и својот конечен расплет, прво потполно смирувајќи ја топката во инструменталната и чил-аут ориентирана The Calm Before The Flood (кога сме кај неа, слушнете го краткиот но прекрасен женски вокал на почетокот на третата минута) а после во насловната рапсодија Mabool (The Flood) која продолжува во извонредната најдолга песна на албумот - The Storm Still Rages Inside, вистинска епика со долго и тажно гитарско соло и крик “Hear your orphaned child!” за потоа хорската молитва да ја затвори оваа комплексна композиција и спонтано да премине во следната, завршна песна на албумот – потполно смирената и нежна инструменталка Rainbow (The Resurrection).

И што се добива на крај, после се? Одличен и навистина квалитетен албум од кој многу бендови би можеле да извлечат поука дека подобро е да се вадат албуми со поголемо временско растојание меѓу нив но и воочлив прогрес на секое наредно издание и дека доколку бендот нема доволно љубов, инспирација и желба да се внесе сиот во неговото создавање за истиот да звучи потполно завршен, подобро е и воопшто да не го издава албумот. Mabool e сериозен и посветен албум кој многу збогатува и наградува, изведбата на членовите (посебно на Kobi и Yossi) е маестрална и професионална, а концептот е интелигентен и одлично се пробива низ сите песни. Неговиот заклучок нека биде и епилогот на мојата рецензија: “Evolve thy self, and lose all hate, so a heaven you may create!”

4639

Листа на песни

1. Birth Of The Three (The Unification)
2. Ocean Land (The Revelation)
3. The Kiss Of Babylon (The Sins)
4. A'salk
5. Halo Dies (The Wrath Of God)
6. A Call To Awake (The Quest)
7. Building The Ark
8. Norra El Norra (Entering The Ark)
9. The Calm Before The Flood
10. Mabool (The Flood)
11. The Storm Still Rages
12. Rainbow (The Resurrection)