Одејќи по линијата на помал отпор, некој на местото на Blaze не би се одлучил за албум на чија предна страна толку очигледно би ги раскринкал сите "свињи", "мршојадци" и "пророци на пропаст" кои се обидуваат електро-магнетно да го распнат. Тој некој би си рекол дека сето тоа е позади него, и би продолжил со нешто ново, одбегнувајќи ја патетиката во широк лак.
Blaze нормално не прави ништо од ова, тој ја зема патетиката на секојдневието - негово, наше, универзално - и ја нокаутира во 3 рунди.
Албумов всушност не може да носи никаков друг епитет освен одличен. Не може да се вика дека е брутален, прогресивен, брз, револуционерен, нема никакви траги на музичка и инструментална генијалност, нема скршнување од музичките дефиниции и придвижување на границите. Како и гласот на Blaze, овој албум е: добар, полнокрвен и истраен.
Иако тоа е момент кој секогаш ми прелетува низ видно поле, овде тој момент е преовладувачки па и не може да се занемари. Појдовна точка и завршна точка за овој албум, баш тој момент е клучен за сите албуми кои ми ја заситиле желбата за добро парче музика во моментите кога темпото на животот навидум успорува. Тоа е моментот на добро компинирање на песни.
Песниве се едноставно тоа. Добро осмислени и изведени. Гневот, внатрешните борби и потиштеноста - на најдобар начин пресликани во снага и хармонија (со себеси, не со светот). Тоа се вика свирење на хеви-метал, без да свириш хеви-метал. Или ако повеќе ви одговара, тоа се вика свирење на хеви-метал во 2008.
Нема да навлегувам во разглобување на албумот песна по песна, ниту во анализа на стиховите. Ми изгледа излишно, и искрено ми изгледа дека ќе анализирам и разглобувам нешто што е толку очигледно, ставено на тацна и спремно за конзумирање.
Тоа впрочем би бил и последниот заклучок за и околу The Man Who Would Not Die:
- Музика која е очигледна и очигледно добра, музика која многу лесно може да стане блуткава супа од ноти и неартикулираност, но успева буквално сите слабости да ги претвори во предност, и на крајот од сето тоа не можете да и најдете маана, на ниедно ниво. Таа е впрочем - недопирлива.